Шефот на рускиот центар “Гамалеј”, Александар Гинцбург соопштил дека со коронавирус почнуваат да се заразуваат, покрај луѓето, и домашните животни, и дека се формира “природен резервоар” на вирусот.

“Во тоа сум повеќе од сигурен – почнуваат да се заразуваат и домашни животни. И како што гледаме, куните. Ако се заразуваат тие, зошто тогаш да не и мачките, а ако се заразуваат мачките, зошто да не и кучињата и другите живи суштества за кои не знаеме дека можат да се заразат. Се формира природен резервоар на инфекција и ние постојано ќе црпиме патоген и ќе се заразуваме од него, се додека големо мнозинство, а уште подобро и 100 проценти од населението не биде вакцинирано”, рекол Гинцбург.

Гинцбург смета дека постојат сите предуслови до ноември 2021-ва година да се реши прашањето за заштита на руското население од вирусот.

“Главна задача е да се овозможи оваа болест да се контролира со вакцина, што значи дека околу 70 проценти од населението на Русија треба да биде вакцинирано”, рекол Гинцбург.

Исто така нагласил дека очекува дека Русија од јануари 2021-ва година ќе почне да произведува најмалку шест милиони дози вакцини месечно.

Претходно било соопштено дека Русија развива вакцина против коронавирус за животни. Вакцината ќе биде наменета за многу чувствителни животни, на пример мачки, а првенствено ќе се препорачува на фармите за крзно.

Министерството за здравство на Русија на 11-ти август ја регистрирало првата вакцина на светот за превенција од Ковид-19 кај луѓето, која ја развил Научно-истражувачкиот центар за епидемиологија и микробиологија “Гамалеј” во соработка со Рускиот фонд за директни инвестиции.

Извор: Sputnik.rs