Германија ќе и дозволи на кинеската компанија Huawei да учествува во изградбата на 5Г мрежата, објави германскиот дневен весник „Ханделсблат“.
Весникот наведува дека имал увид во нацрт-законот што ја регулира таа област, што Владата на Ангела Меркел ќе го достави до Бундестагот овој месец.
Според тој нацрт, ќе биде задолжително да се даде гаранција за сите компании кои ја произведуваат оваа опрема, така што нивната технологија да не остави таканаречена задна врата за кибер напади.
Посебно внимание ќе се посвети на контролата на опремата на Huawei што ќе биде инсталирана во германската 5Г мрежа, пишува „Ханделсблат“.
Преговорите меѓу Германија и Huawei траат подолго време, со притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ја исклучи кинеската компанија од изградба на мрежата од новата генерација.
Huawei е главен снабдувач на опрема на трите најголеми телекомуникациски компании во Германија, Дојче Телеком, Водафон и Телефоника.