Казни до 100.000 фунти дневно ќе им бидат изречени на британските телекомуникациски компании кои ја кршат одлуката за постепено напуштање на опремата на Huawei од националните телекомуникациски мрежи. Ваквите санкции се предвидени со предлог законот кој во вторникот во парламентот го претстави владата на Велика Британија.
Предлог законот забранува учество на кинеската компанија Huawei во британската мобилна 5G мрежа. Целта на новата законодавна иницијатива е да се спречат можните обиди на британските телекомуникациски компании да ги заобиколат правилата за употреба на купената опрема на Huawei за 5G мрежи.
Британските власти претходно најавија дека од 31 декември годинава телеком операторите во земјата нема да можат да купат 5G опрема од Huaweij, а до 2027 година сите производи на кинеската корпорација во британските мрежи од петта генерација мора да бидат заменети со производи од други компании.
Овој потег е најновиот пресврт во британската влада затоа што претходно беше речено дека на Huawei ќе му биде овозможено да обезбеди една третина од опремата за идната 5G мрежа. Меѓутоа, оваа промена на одлуката следуваше после повеќемесечен интензивен притисок од американските власти да забранат кинеската компанија да учествува во британската телекомуникациска мрежа поради националната безбедност.
Казните со кои би се соочувале британските компании ако не ги почитуваат наредбите ќе се наплатуваат од наредната година, меѓутоа законот ќе стапи на сила најверојатно од 2027 година, кога ќе се остави време на компаниите да ги реорганизираат своите мобилни мрежи, што подразбира отстранување на софтверот, рутерите и антените на Huawei.
Извор: Klix.ba