Вакцината против коронавирус, што ја развива Универзитетот во Оксфорд во соработка со „АстраЗенека“, ќе чини меѓу три и четири долари, објави денес британски „Телеграф“. Тестирањето покажало дека вакцината ќе биде ефикасна до 90 проценти, во спречувањето на вирусот.
„ Оксфордската вакцина е вакцина за целиот свет. Додека „Фајзер“ и „Модерна“ објавија дека успешно го завршија тестирањето на вакцината во трите фази, британскиот тим првично истакна дека нивната цел е да го направат нивниот производ достапен за целата планета. Не се работи само за вакцина што ќе може да се транспортира и чува на нормални температури, туку и да биде достапна за секого “, се наведува во текстот на „Телеграф“.
Целта поставена од научници од Оксфорд и „АстраЗенека“ е вакцината да им биде достапна на посиромашните земји во светот, се додава во текстот.
„ Со цена од само три до четири долари по доза, вакцината на Оксфорд е само мал дел од цената на вакцината на „Фајзер“ и „Модерна“, што ќе се продава по цена од 20 до 32 долари, што е скапо за многу земји во развој“, наведува „Телеграф“.
Директорот на тимот што ја направи вакцината во Оксфорд, Ендру Полард, вели дека тие направиле „вакцина за светот“.
„ Нашата цел беше да ја направиме вакцината достапна насекаде. Мислам дека успеавме да го сториме тоа. Ова се многу возбудливи периоди за здравјето на луѓето”, рече Полард.