Експерименталната вакцина против Ковид-19, „коронавак“, од кинеската компанија „Синовак биотек“, предизвикува брз имунолошки одговор кај испитаниците, но нивото на антитела е пониско отколку кај луѓето што оздравеле од болеста, покажале прелиминарните резултати од испитувањето.
Иако испитувањата во раната и средната фаза (прва и втора) немале цел да ја проценат ефикасноста на „коронавак“, истражувачите велат дека вакцината може да обезбеди заштита, а своите заклучоци ги засноваат на искуството со други вакцини и податоците од претклиничките студии на мајмуните макаки.
„Коронавак“ и уште четири експериментални вакцини што се развиваат во Кина во моментот се во доцната, трета фаза на тестирање, а нивната ефикасност во спречувањето на Ковид-19 се утврдуваат.
Резултатите од компанијата „Синовак“, кои беа објавени во медицинското списание The Lancet Infectious Diseases, произлегоа од клиничките испитувања на првата и втората фаза спроведена во Кина, во која учествуваа повеќе од 700 волонтери.
„Нашите откритија сугерираат дека ’коронавак’ е во состојба да предизвика брз имунолошки одговор во рок од четири недели откако вакцинацијата е извршена во две фази во растојание од 14 дена“, рече Зу Фенгчаи, еден од научниците што работат на вакцината, пренесува „Индекс“.
Резултатите треба да се разгледуваат со претпазливост сè додека не бидат објавени доцните резултати од третата фаза, предупредува Наор Бар-Зев, професор од Универзитетот „Џон Хопкинс“, кој не учествувал во истражувањето. Тој додава дека дури и по завршувањето на испитувањето во третата фаза и по издавањето на дозволата, треба да се биде внимателен.
Поврзани артикли