Малку е веројатно дека луѓето што закрепнале од Ковид-19 може да се заразат повторно во рок од шест месеци од првата инфекција, покажува британско истражување спроведено врз здравствени работници.
Истражувањето е добра вест за повеќе од 54 милиони луѓе што биле заразени од коронавирусот од почетокот на пандемијата, објавија научниците од Универзитетот „Оксфорд“, кои се автори на студијата.
„Ова е навистина добра вест затоа што можеме да бидеме сигурни дека, барем на краток рок, повеќето од оние што закрепнале од Ковид-19 нема да бидат повторно инфицирани“, изјави Дејвид Ер, професор од „Оксфорд“ и еден од авторите на студијата.
Ретки случаи на повторна инфекција предизвикаа загриженост дека имунитетот може да трае кратко и дека закрепнатите пациенти може бргу повторно да се инфицираат. Но, резултатите од оваа студија спроведена на здравствени работници изложени на коронавирусот, што ги прави група со висок ризик за инфекција, покажуваат дека повторната инфекција е исклучително ретка.
„Инфекцијата со Ковид-19 ги штити повеќето луѓе од повторна инфекција најмалку шест месеци“, нагласи Ер.
„Не најдовме нова симптоматска инфекција кај ниту еден од учесниците кај кои беа пронајдени антитела“, додаде тој.
Истражувањето траело 30 недели помеѓу април и ноември годинава. Заклучоците сè уште не се разгледани од други научници.