Нека ни е среќен „13 Ноември“ – денот на ослободувањето на Град Скопје, денот кога младите од Глобал Шејперс Скопје Хаб ја започнаа иницијативата и заедничкото патување кон 2070-та година, да го обликуваат Скопје во наредните 50 години во град кој припаѓа на секој од нас.
Во оваа 2020-та година, токму во време на ненадејни пресврти на личен и поширок општествен план, младите обликувачи на промени од Глобал Шејперс Скопје Хаб одлучија да размислуваат и делуваат проактивно, визионерски, стратешки и сеопфатно така што го создадоа водичот „ВИЗИИ – СКОПЈЕ 2070“.
Овој водич претставува насока и рамка за развој на нашиот град низ призмата на 15 различни категории кои што меѓусебно се надополнуваат и испреплетуваат, одејќи во правецот содржан во 165-те визии и мерлив низ општи индикатори соодветни за секоја од тие визии. Станува збор за документ кој дава правец и основа за дејствување на сите чинители во нашето општество. Секоја од визиите се заснова на одредени вредности кои што се основа за сите активности кои ќе се преземаат од кој и да е чинител во општеството, без разлика дали е тоа индивидуалец или правен субјект од јавниот, приватниот или граѓанскиот сектор. За да се поттикнува, следи и мери напредокот на сите тие идни активности и нивниот придонес во однос на визиите, содадовме општи индикатори соодветни за секоја категорија посебно.
Водичот „ВИЗИИ – СКОПЈЕ 2070“ цели да нè инспирира да размислуваме амбициозно и храбро кон подобра иднина, да бидеме одговорни и со нашата моќ и влијание да изградиме подобро општество. Овој водич цели да нè обедини како општество заеднички и секојдневно да работиме кон остварување на подобар животен стандард за нас и за идните генерации.