Новиот коронавирус изворно стигна од Кина, но оваа земја не е и негов најголем преносител, покажа најновата научна студија.
Соработката меѓу научниците кои работат на истражување на геномите од Универзитетот Хадерсфилд во Велика Британија и Универзитетот Минхо во Португалија резултираше со една од најголемите анализи од таков вид за илјадници вирусни геноми, чии примероци биле собирани во земјите ширум светот.
Научниците од Хадерсфилд ја мапирале дисперзијата на SARS-CoV-2 вирусот, одговорен за Ковид-19 пандемијата и дошле до заклучок дека за ширењето на пандемијата всушност главен извор била Европа, а не Кина, од која новиот коронавирус изворно се прошири во останатите делови на светот.
Во истражувањето е потврдено дека вирусот изворно пристигнал од Кина и дека на човекот преминал најверојатно од лилјаците. Истражувањето е објавено во специјалното издание на научното списание Microorganisms.
Студијата покажа дека забраните за движење во Велика Британија и Европа биле преслаби и дека се воведени предоцна, па вирусот всушност се проширил на САД и остатокот од светот преку Европа, а не директно од Кина.
Истражувањето се насочило на 27.000 геноми на вирусот, чии примероци се собрани ширум светот. Научниците обично ги истражуваат миграциите во човечката историја преку митохондриска ДНК, а сега капитализираа на фактот дека вирусниот геном е сличен на тоа во клучните работи.
Со оглед на огромната големина собрани податоци, оваа студија, која почна уште во мај, се смета за најголема досега направена анализа од тој вид.
Извор: University of Huddersfield