Според неодамнешниот извештај на Клиниката за истражување на нарушувања во спиењето во Кливленд, ако чувствувате потреба да го одложите алармот за будење за уште 10-тина минути по добро проспиена ноќ, време е да посетите лекар.
Начинот на кој сонот завршува може да биде знак на некоја здравствена состојба и да укаже на потенцијален проблем, наведуваат лекарите.
Одложувањето на алармот ја нарушува РЕМ фазата во сонот односно ресторативната состојба, вели д-р Рина Мехра, директорка на клиниката во Кливленд.
Секоја ноќ минуваме низ два основни вида спиење – РЕМ и не-РЕМ спиење. Националниот институт за невролошки нарушувања и мозочен удар го опишува не-РЕМ спиењето како минување низ три фази.
Во првата, преминувате од будна состојба во спиење, во втората влегувате во лесен сон додека во третата фаза преминувате во најдлабокото ниво на сон и истата трае најдолго, поради што се чувствувате освежено по будењето.
Од друга страна, РЕМ фазата (во која очите забрзано се движат под капаците) настапува околу 90 минути откако ќе заспиете.
Во оваа фаза, дишењето станува побрзо и неправилно, а пулсот и крвниот притисок се зголемуваат речиси до нивото на будење. Повеќето сонови се случуваат во текот на РЕМ спиењето, иако некои можат да се случат и во не-РЕМ фазата. Мускулите на рацете и нозете привремено стануваат парализирани, што ве спречува да се движите и преку движење да ги „остварите“ своите сонови, што би можело да биде опасно.
Тука доаѓа до проблемот со одложување на алармот – во текот на влегувањето и излегувањето од РЕМ фазата на сонот. Со веќе зголемено ниво на будност, нарушувањето на овој сон со аларм во интервали од 10 минути може да предизвика зголемување на крвниот притисок и забрзување на работата на срцето, а самиот интервал е прекраток за да овозможи мирен сон.
Како што предупредува британската Национална здравствена служба, недоволно мирниот сон со текот на времето може да доведе до дебелеење, кардиоваскуларни болести, висок крвен притисок, ослабен имунолошки систем и дијабетес.