Американската компанија за дигитално плаќање PayPal Holdings соопшти денеска дека на клиентите ќе им понуди услуга за купување, продавање и држење биткоин и други виртуелни пари што ќе можат да ги користат за плаќање во продавниците.
Сопствениците на сметки во САД ќе можат да купуваат, продаваат и држат криптовалути во своите паричници во PayPal веќе во наредните недели, а во првата половина на следната година PayPal има намера да ги понуди овие услуги на платформата за плаќање преку мобилната платформа Venmo и во некои земји.
PayPal веќе има добиено првична, условна лиценца од Одделот за финансиски услуги на државата Њујорк и во почетната фаза ќе дозволи само купување на биткоин, етереум, биткоин готовина и литекоин, се вели во соопштението.
Услугата ќе се обезбеди во соработка со Paxos Trust. Од почетокот на 2021 година, корисниците на PayPal исто така ќе можат да плаќаат со криптовалути на 26 милиони трговци во мрежата на PayPal, објави американската компанија.
Плаќањата во криптовалути преку Paypal ќе бидат порамнети во утврдени валути, како што се долари, што значи дека трговците нема да добиваат плаќања во виртуелни пари, нагласи компанијата.
Поврзани артикли