Главниот научник на Светската здравствена организација (СЗО), Сумја Сваминатан, изјави дека е мала веројатноста за брза и масовна вакцинација против коронавирусот.
Таа рече дека мнозинството се согласува дека првин треба да се вакцинираат здравствените работници, но дури и со нив треба да се утврди кој е со најголем ризик, а потоа на ред за вакцината се постарите лица.
„Здрава млада личност можеби ќе мора да почека до 2022 година“, рече Сваминатан, пренесува „Гардијан“.
Таа предупреди дека и покрај тоа што бројот на смртни случаи од коронавирусот е намален на глобално ниво, расте бројот на пациенти што се сместени во одделенијата за интензивна нега.
„Зголемувањето на смртноста секогаш заостанува неколку недели зад зголемувањето на бројот на случаи на инфекција“, објасни Сваминатан.