Компанијата РЖД (Руски железници) ги претстави супермодерните „плацкартни“ вагони (вагони од 3 класа со лежаи, без купеа) кои ќе бидат воведени во експлоатација во втората половина на 2021 година. Опремени се според последниот крик на техниката. Имаат дури и туш-кабини и УСБ-влезови.
Според заменик-генералниот директор на РЖД Дмитриј Пегов, тестирањето на новите вагони заради добивање сертификат почнува во првиот квартал на 2021 година, а во втората половина на 2021 година вагоните ќе бидат воведени во експлоатација.
Веќе се формирани две композиции. Тие најверојатно ќе сообраќаат на југот на Русија, пренесува „Интерфакс“.
Новите вагони ќе имаат отприлика иста внатрешна структура како и старите „плацкартни“ вагони, но битно ќе се разликуваат од нив според комфорот и функционалноста. Во нив, на пример, патниците на горните лежаи ќе имаат специјални скалила вградени во ѕид, како и завеса, така што ќе добијат личен простор кој однадвор не се гледа.
Меѓу патничките места ќе биде поставен голем вертикален орман со голем број полици. Секое место ќе има штекер и УСБ-влез за полнење електронски уреди. Најголемиот новитет ќе биде туш-кабината во секој вагон, со посебна полица за сапун и држач за крпи.
Извор: Russia Beyond