Руски научници сметаат дека токсичното излевање долж плажите на рускиот полуостров Камчатка усмртило околу 95 отсто од животот на околното морско дно.
Локалните сурфери беа првите кои забележале дека нешто не е во ред со водата на плажата Калактир откако дваесеттина од нив добиле сериозни изгореници на мрежниците и симптоми слични на труење со храна.
На почетокот на септември водата во таа област ја сменила бојата во сиво-жолта, со густа млечна пена на површината, а воздухот бил исполнет со смрдеа. Неколку дена подоцна на плажите беа најдени тела на мртви октоподи, фоки и други морски животни.
Локалните власти прво го негираа загадувањето
Локалните власти на почетокот ги негираа извештаите за загадувањето, кажувајќи дека бојата и мирисот на водата во таа област се нормални и дека „не е забележано ништо абнормално“, но подоцна, под сѐ поголемиот притисок, отворија истрага.
На состанокот со гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, локалните научници предупредиле дека повеќето организми на морското дно се мртви.
„На брегот најдовме мртви големи морски животни или птици. А при нуркањето откривме на длабочина од 10 до 15 метри масовен помор на бентоси, организми кои живеат на морското дно – 95 отсто од нив умреле. Некои големи риби и ракови преживеале, но во многу мал број“, изјави научникот Иван Усатов.
Причина за загадувањето
Сѐ уште не е јасно што точно го предизвикало загадувањето. Сондите покажале дека нивоата на фенол, хемикалија која често се користи како антисептик или дезинфициенс, 2,5 пати повеќе од нормалното, а нивото на нафта 3,6 пати повисоко, пишува CNN.
Локалните медиуми нагаѓаа за можно истекување на танкер или грешка при воена вежба, што руското министерство за одбрана го негираше.
„Инспектори ги проверуваат сите можни извори на загадување, вклучувајќи ги депониите во близина на заливот Авачински и крајбрежниот појас Калактир каде се чуваат отровни хемикалии“, се наведува во соопштението на истражниот одбор.
Руската подружница на Гринпис укажа на блиската депонија на отровен отпад како можен извор на загадувањето, а властите на Камчатка открија во вторникот дека се прекршени безбедносните мерки во местото Козелски, во кое има над 100 тони отровни материи, вклучувајќи пестициди.
Извор: B92.net