Сензационалистичкото известување во медиумите, недоволната заштита на приватноста и личните податоци и отежнатиот пристап до информации се меѓу најчесто пријавуваните проблеми до советите за етика во медиумите во регионот на Балканот и Европа во периодот на пандемијата. Ова се дел од наодите од анализата што ја спроведе Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во периодот јули – септември годинава, анализирајќи ги искуствата на медиумските саморегулаторни тела – членки или придружни членки на Алијансата за независни совети за етика во медиумите во Европа (АИПЦЕ), каде што полноправно членува и СЕММ.

Истражувањето на СЕММ, коешто е прво од ваков вид во глобални рамки, денеска го објави и УНЕСКО. „Задоволни сме што преку проектот финансиран од ЕУ го поддржавме објавувањето на ова истражување. Во УНЕСКО, силно веруваме дека советите за етика имаат критична улога во одбраната на слободата на изразување и во адресирањето на проблемот со дезинформациите. Ова особено се потврдува за време на криза. Сепак, зголемена е загриженоста за влијанието на пандемијата и последиците од проблемот што ќе го има финансиската криза во медиумите врз иднината на овие совети. Се надеваме дека со анализата на СЕММ ќе се зголеми свесноста за потребата од обезбедување финансиска стабилност“, истакна Аделин Хулин од канцеларијата на УНЕСКО во Брисел.

Советите за етика периодов, неретко, добивале и жалби за известување во насока на теориите на заговор:„Коронавирусот е проект, не е неизлечив, имаме ‘лек’! Вирусот е патентиран во 2015 година“. „Кликбајт“ наслови од типот „Коронавирусот не може да преживее“, ,„Лек за коронавирусот почнува да се продава од утре“ се дел од новинарските текстови за коишто биле поднесени жалби до босанскиот Совет за етика.

Со ширењето на пандемијата, се зголеми и загриженоста околу заштитата на приватноста и заштитата на податоците во медиумското известување. Случаи во кои биле нарушени овие принципи многу често се пријавувале до советите за етика во медиумите во повеќе држави. Во Советот за етика во Ирска биле пријавени случаи кога одредени весници објавиле имиња на лица заразени со ковид-19, што предизвикало негативни реакции во јавноста. „Сепак, весниците беа многу внимателни и ги идентификуваа само оние лица коишто се согласиле на тоа. Можеби секогаш постои аргументот за јавниот интерес, но идентификувањето на поединците е избрзан чекор“, нагласуваат од ирскиот Совет за етика.  

Во одредени држави имало реакции и на објавувањето фотографии од медицински лица. Таков пример е регистриран во саморегулаторното тело во Велика Британија ИПСО. Самиот здравствен персонал укажал дека во услови кога се под екстремен притисок и поминуваат низ многу тешки времиња ваквото однесување е нападно. „За нас, како саморегулаторно тело, беше интересно прашање за тоа какви се правата на медицинските работници во овие околности, бидејќи во нормални услови би им објасниле дека се во фокус на јавноста и се претставени во професионално светло, а тоа не е во доменот на приватното“, нагласуваат од ИПСО.

Пристапот до информации беше клучниот проблем со кој се соочуваа медиумите и новинарите за време на пандемијата, што се рефлектираше и врз работата на советите за етика. Споделените искуства потврдуваат дека здравствените институции и властите го ограничувале протокот на информации, како и пристапот на новинарите до локациите, селектирале што може да се објавува или ги ограничувале прашањата кoи новинарите можеле да ги поставуваат, а притоа биле од јавен интерес. Некои институции во одредени држави го забранувале присуството или селектирале кои медиуми ќе бидат поканети, што го ограничува пристапот до информации, како за медиумите, така и за граѓаните.

За справување со овие нови ситуации во едно комплексно време, имајќи предвид дека во некои држави корона-кризата се поклопи со одржување и на избори, како што е случајот со нашата држава, соработката и партнерството со граѓанскиот сектор, медиумите и нивните асоцијации, со институциите и граѓаните, се покажа како мошне значаен механизам за советите за етика. Мултисекторската соработка меѓу ситезасегнати страни е во согласност со некои од клучните препораки на меѓународните организации за заштита на слободата на изразувањето и информирањето во време на криза.

Интегралната анализа на СЕММ е достапна на следниов линк: https://semm.mk/pravna-ramka-4/publikacii/791-19 .