Дури и ефикасна вакцина против коронавирус нема да го врати животот во нормала на пролет, предупреди група британски научници, пренесува Би-Би-Си.
Вакцината често се гледа како свет грал што ќе стави крај на пандемијата. Но, во извештајот на истражувачите од Кралското друштво се вели дека мора да бидеме реални за тоа што може да постигне вакцината и кога.
Научниците ширум светот развиваат повеќе од 200 вакцини за заштита од вирусот.
„Вакцината нуди голема надеж за потенцијален крај на пандемијата, но знаеме дека историјата на развој на вакцините е полна со неуспеси“, рече д-р Фиона Кли од Националниот институт за срце и бели дробови на Кралскиот колеџ во Лондон.
Постои оптимизам дека некои луѓе може да примат вакцина оваа година, а масовната вакцинација да започне на почетокот на следната година. Сепак, извештајот на Кралското друштво предупредува дека тоа ќе биде долг процес.
„Дури и кога вакцината ќе биде достапна, тоа не значи дека сите ќе бидат вакцинирани во рок од еден месец, ние зборуваме за шест месеци, девет месеци … година“, вели професорот Нилеј Шах, шеф на хемиско инженерство на Кралскиот колеџ во Лондон.
Истражувачите предупредуваат дека ќе биде потребно повеќе време за да се добијат одговори поврзани со прашањето за долготраен имунитет и дека сè уште не се знае дали луѓето ќе треба да се вакцинираат на секои неколку години или една доза ќе биде доволна.