Со изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со таа на дизел-горивото добиваат граѓаните, кои сега се сигурни во квалитетот на горивата, но добива и животната средина поради помалото загадување.
Државата стави крај на злоупотребите со црвената нафта за транспорт со прифаќање на предлогот на Стопанската комора и дистрибутерите за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизел-горивото.
Беа донесени конкретни мерки за сузбивање на криминалот со ова гориво, откако анализата на Царинската управа го констатира тоа што со години се знае, дека големата разлика во цената меѓу дизел-горивото и екстра лесното гориво мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на законите, а одредени корисници да го користат спротивно на намената, како погонско гориво во моторните возила, механизацијата, уредите и постројките што е забрането.
Изедначувањето на акцизата на црвената нафта и дизел-горивото, освен поголеми приходи во буџетот резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати од 50 илјади килограми, на 500 килограми на годишно ниво.
Според анализата на Царинската управа, екстра лесното гориво има удел од 5,6 проценти во вкупните годишни количини на нафтени деривати пуштени во потрошувачката, што е занемарливо споредено со над 72 процента удел на дизел-горивото, но, значително е повисок во однос на еуросупер БС 98 горивото кое имало пазарен удел од 2,2 процента во 2019 година.
Акцизите на горивата се тема за дебата во многу земји, особено што половина од крајната цена на горивата на бензинските станици во Европската Унија во март 2019 година биле давачки за државата.
Според извештајот на FuelsEurope – здружение на 40 компании кои држат 100 проценти од рафинериските капацитети во Европската Унија и над 75 проценти од продажбата на горива во Унијата, данокот од горивата во 2018 година имал удел од околу седум проценти во вкупните приходи од данок во државите од Европската Унија.
Најголем удел од 11 проценти има во Естонија и Хрватска, потоа следат Бугарија, Словенија и Романија со по 10 проценти. Најмал удел од три проценти има во Данска и Шведска.
Горивата што се продаваат на бензинските станици во нашата држава мора да ги исполнуваат минимум еуро 5 нормите за издувни гасови кои се пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590.
Кај нас малопродажната цена на нафтените деривати се формира кога на рафинериската цена се додаваат трговската маржа, трошокот за превоз, акцизата, данокот на додадена вредност, надоместоците за животната средина и за задолжителните нафтени резерви.