Развојот на авиони на водороден погон е „стратешки приоритет“ на мултинационалната европска компанија Airbus, која објави три концепти, од кои едниот ќе стане авион и ќе влезе во сообраќај во 2035 година, пренесуваат француските медиуми.
Извршниот директор на Airbus, Гијом Фаури, во интервју за „Паризиен“ изјави дека „развојот на авиони без јаглерод не бара некој поголем технолошки исчекор“.
Шефот на европскиот производител на авиони потсети дека Airbus веќе користи водороден погон за своите сателити и ракетата Аријана.
Според него, изборот и „созревањето“ на технологијата ќе потрае пет години, а потоа се потребни две години за да се подготват добавувачите и фабриките.
„Почетокот на програмата е закажан за приближно 2028 година. Нашата амбиција е да бидеме првиот производител што ќе лансира ваков авион во 2035 година“, рече Фори.
Овој распоред одговара на целта на „авионот без јаглерод“ поставен од француската Влада на почетокот на јуни, која планира до 2022 година да одвои 1,5 милијарда евра за да му помогне на секторот за авијација, кој беше тешко погоден од пандемијата.
„Airbus подготви три концепти“, рече директорот Фори.
Првиот е млазен авион со класична конфигурација до 200 места и опсег од повеќе од 3.500 километри. Вториот е авион со елиса, за околу 100 патници, за пократки патувања. Третиот концепт е најкомплициран, но и најпредизвикувачки за инженерите: тој е „летечко крило“ со приближно 200 седишта што „овозможува целосно поинаква конфигурација и за резервоарот со водород и за погонот“, рече директорот.
„Покрај техничките достигнувања, исто така, и регулаторната рамка нужно мора да еволуира за да се овозможи употреба на водородот во комерцијалните авиони“, рече Фори.
Ќе биде неопходно и инфраструктурата на аеродромите да биде подготвена и „зелениот водород“ да биде присутен во поголеми количества, посочи тој.