Компанијата LG официјално го претстави својот смартфон со два екрана и ротирачки механизам, а цената и натаму е мистерија.
LG во изминатите неколку години имаше телефони со два екрана како што се G8X ThinQ и Velvet, но новиот модел под името Wing е поинаков. Се работи за првиот уред под LG брендот „Explorer Project“.
Смартфонот има два OLED дисплеја, првиот е стандарден 6,8-инчен главен екран без рамки и засек, а подолу е 3,9-инчниот панел. Наместо отворање, уредот поседува ротирачки механизам. Помалиот екран се користи како дополнителен „прозорец“ за користење на други апликации или за дополнителна функционалност.
LG го замисли користењето на другиот екран за контролирање на камерата, додека главниот се користи за непречено видно поле. По свртувањето, главниот екран може да се користи и како тастатура за одговарање на пораките прикажани на помалиот екран.
Екраните во комбинација можат да се користат за играње игри и стриминг или на пример за прегледување на социјалните мрежи во текот на гледање некој фудбалски натпревар. Со оглед на постоењето на споменатиот механизам, се поставува прашањето колку ќе биде издржлив.
Смартфонот доби Qualcomm Snapdragon 765G процесор со интергриран X52 модем за 5G поддршка, 8 GB RAM, 256 GB интерна меморија, батерија од 4.000 mAh, сензор за отпечатоци од прсти интегриран во дисплејот, а поддржува и безжично полнење. Најголемиот недостаток му е што не е отпорен е вода.
Уредот е тежок 260 грама, а неговата дебелина изнесува нешто повеќе од еден сантиметар.
Селфи камерата се извлекува благодарение на pop-up механизмот, а одзади е главната камера од 64MP, „стандардната“ ултраширока од 13 и уште една ултраширока од 12MP со гимбал.
Цената на овој футуристички смартфон се уште не е позната.