Фондот за иновации и технолошки развој презентираше нов инструмент за поддршка на домашните компании и високообразовните институции во развој на нови производи и услуги. Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари, а ќе се доделуваат на факултетите и истражувачките центри кои ќе остварат конкретна деловна соработка со домашните компании во истражување и развој.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешната презентација нагласи дека преку овој инструмент големиот потенцијал и капацитет на образовните институции ќе може да се искористи во реалниот сектор.
„На овој начин високообразовните институции ќе станат извор и на иновации и на знаење во реалниот сектор, а во истовреме со ова вложуваме и во идните академски граѓани, кои низ проектите ќе може да работат на реални истражувања. Овој тип на воспоставување екопростор помеѓу високообразовните институци и компаниите создава можност од една страна финансиските средства да не се одлеваат само на консултантски услуги и надвор од државата, а од друга бизнис-секторот да ја зголеми финансиската поддршка во високото образование“, кажа Царовска.
Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, изјави дека за првпат државата воведува инструмент со кој директно поттикнува соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот во функција на економскиот развој.
„Она што е многу важно е дека директен корисник на финансиската поддршка се универзитетите, додека компаниите добиваат услуга од академскиот кадар – професори, асистенти и студенти. Нашата цел е директно да вклучиме академската заедница во економскиот развој на државата“, изјави Деспотовски.
Новина е дека повикот ќе биде отворен од први октомври, а веќе од истиот момент ќе може да се исплаќаат финансиски средства. Фондот за првпат воведува нов принцип на доделување средства по принципот ‘прв дојден – прв услужен’, односно според редоследот на поднесувањето на комплетни апликации. Апликациите ќе се поднесуваат исклучиво по електронски пат, а рокот за аплицирање ќе трае сè додека не се доделат предвидените средства. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци.
Иновациските ваучери ќе можат да се искористат за покривање до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци на научноистражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари, без данок на додадена вредност (ДДВ). Останатиот дел од 20% е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите.
Средствата ќе можат да се користат за активности како: развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; доказ на концепт, студија за изводливост, техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.
Поврзани артикли