Xbox Series X ќе биде најмоќната конзола на пазарот кога станува збор за перформансите. Ќе пристигне на пазарот на 10. ноември и ќе се продава по цена од 499 евра.
Оваа конзола ќе ја користи најновата технологија на AMD, односно Zen 2 Ryzen кој има осум јадра, а секое работи на 3,8 GHz. Тоа значи дека ќе биде дури четири пати помоќен од хардверот на Xbox One X.
И графиката доаѓа од AMD, а ќе има RDNA 2 технологија која содржи 12 терафлопи процесорска сила, што е двојно повеќе од Xbox One X. Оваа технологија со леснотија ќе може да „издржи“ игри во 4К резолуција при 60 FPS.
Исто така, оваа машина ќе може да достигне и 8К резолуција, како и 120 FPS. Поддржува и real-time ray-tracing технологија, каква што имаат и nVidia графичките картички.
Xbox Series X ќе има 16 GB RAM меморија, од кои 13 GB ќе бидат оставени за видео игрите. Оваа конзола ќе има и 1 TB простор за складирање, а доколку тоа не биде доволно, посебно ќе се продава и SSD картичка од 1 TB.
Кога станува збор за хардверот и перформансите, конзолата на Microsoft уште сега би била победник, но со оглед на тоа што Sony игра на друга карта, а тоа се ексклузивните видео игри, борбата за превласт на пазарот за видео игри и конзоли никогаш не била повозбудлива.