Кога размислуваме за технологијата, можеме да заклучиме дека воглавно е дизајнирана за помладите луѓе, но тоа не значи дека постарата генерација не може да има корист од неа. Да го земеме за пример Apple Watch – компанијата креираше функција што ги известува другите кога корисникот ќе падне и не одговара на повиците и пораките.
Компанијата TCL, исто така, одлучи да ја прошири својата понуда, па го претстави новиот паметен часовник наречен TCL MoveTime Family Watch, креиран баш за постарите граѓани. Овој уред има функции како следење на активности, препознавање на пад, следење на отчукувањето на срцето, како и можност за телефонирање без употреба на рацете. Исто така, има можност да го потсети сопственикот да ги зема лековите и да вежба. Слично како кај Apple Watch, мониторот за пулс ќе може да го извести корисникот ако открие неправилна работа на срцето.
Според наводите на компанијата, овој паметен часовник е дизајниран со намера да им помогне на постарите лица да го одржат независното функционирање.
Семејниот часовник MoveTime има и IP67 рејтинг, што значи дека е отпорен на вода и прашина. Овој уред ќе биде претставен во Северна Америка и Европа оваа есен.