Пред една година Huawei го претстави сопствениот оперативен систем – HarmonyOS.

Претседателот на компанијата Ричард Ју во текот на Huawei Developer конференцијата обелодени дека HarmonyOS 2.0 конечно пристигнува на повеќе уреди.

Овој оперативен систем е направен за cross-platform функционалност, што значи дека ќе се најде на паметните часовници, телевизори, автомобили и секако смартфоните. Ју нагласи дека првите паметни телефони со оваа платформа ќе се појават следната година. Овие уреди најпрвин би можеле лимитирано да бидат достапни на кинескиот пазар.

HarmonyOS 2.0 SDK за паметните телевизори, часовници и автомобили ќе почне со работа од утре, додека верзијата за смартфони ќе биде објавена кон крајот на декември.

Huawei го претстави и OpetHarmony проектот, што потсетува на AOSP (Android Open Source Project). Програмерите ќе можат да го користат многу брзо и ќе ги поддржува уредите што имаат само 128KB (да, добро прочитавте – килобајти) RAM меморија.

Од компанијата ја истакнуваат функционалноста на повеќе екрани, а додаваат дека дополнително ќе ја усовршат безбедноста, паметното активирање со гласот, како и брз трансфер на податоци од различните уреди!