Стартапот за електрични возила Nikola и General Motors синоќа најавија стратешко партнерство со инвестиција на GM вредна две милијарди американски долари, за производство на теренски возила на водороден погон.
Акциите на двете компании на берзанските тргувања денеска пораснаа значително. Акциите на Nikola пораснаа за 45 отсто, а на GM за 11 отсто.
Со оваа инвестиција, американскиот автомобилски гигант од Детроит добива 11 проценти од компанијата и едно место во бордот на директори на Nikola.
Компанијата од Аризона е стартап за електрични возила, конкурент на Tesla.
Ги дизајнира пикап теренците „Баџер”. Според договорот, сериското производство на овие возила треба да започне до крајот на 2022. година.
Погонот на возилата со водород е целосно електричен. За разлика од патничките автомобили Tesla, струјата за електромоторите не доаѓа од литиум-ионова батерија која треба регуларно да се полни од електромрежата, туку од водородни ќелии. Возилата со ваков погон имаат нула издувни гасови, трошат водород а нуспроизводот е вода.
Полнењето на ќелиите се врши на водородни станици кои на Запад засега се многу ретки.
Според договорот, Nikola е должна да ја користи технологијата и производството на водородни ќелии на GM.