MSI објави освежени модели од својата Alpha серија лаптопи која е позната по тоа што имплементира и процесори и графички картички од компанијата AMD. Најновите лаптопи користат AMD Ryzen 7 4800H процесор и Radeon RX 5600M GPU, а пристигнуваат во варијанти од 15 и 17 инчи.
Двете варијанти имаат слични спецификации. Дисплеите, иако со различни големини, нудат 1080p резолуција, 144Hz освежување на екранот и ја поддржуваат AMD FreeSync Premium технологијата. За звукот се задолжени два 2W звучника, кои обезбедуваат стерео звук и поддршка за Hi-Res Audio.
Опциите на RAM одат до 64GB DDR4-3200, додека за складирање на податоци присутен е M.2 слот за SSD уреди. Лаптопите имаат SteelSeries тастатура со опционална поддршка за RGB осветлени копчиња. Од портовите се присутни USB Type-C, три USB Type-A, по еден Mini DisplayPort и HDMI, а тука се и Gigabit Ethernet и читач на SD картички.
MSI не ја објави цената и достапноста на освежената серија Alpha лаптопи во Европа, иако Alpha 15 е веќе достапен во САД по почетна цена од 1299 долари.