Светската здравствена организација (СЗО) објави дека широка распространетост на вакцини против Ковид-19 не се очекува пред средината на следната година и ја истакна важноста на строгите проверки на нивната ефикасност и безбедност.

„Не очекуваме да видиме широка вакцинација до средината на следната година“, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференција во Женева.

Таа рече дека третата фаза на испитување на вакцините мора да биде подолга бидејќи е потребно да се види кој е заштитниот ефект на вакцините и колку се безбедни.

Портпаролката на СЗО рече дека засега „нема јасен сигнал“ од клиничките испитувања за тоа дали и колку е ефикасна и безбедна која било вакцина.

Харис додаде дека првата група на вакцинирани најверојатно ќе бидат здравствените работници и други лица од ранливите групи и дека се потребни две милијарди дози за таа фаза.

Таа нагласи дека е потребно да се разменат податоци за вакцините, да се споредат, да се применат на вистински начин и, од научна гледна точка, да се обезбеди соодветна стратегија покрај вакцините.