Новата етапа во изградбата на најмоќниот мразокршач на нуклеарен погон во светот, рускиот „Лидер“, ќе почне за еден месец.
Според најавите, на 28 септември, денот кога ќе се одбележи 75-годишнината од руската нуклеарна индустриска гранка, ќе почне поставувањето на кобилицата, која е главниот носач на бродскиот скелет, основната греда по должината на бродот.
Експлоатацијата на најмоќниот нуклеарен мразокршач во историјата на светската бродоградба би требало да почне во 2027 година. Вредноста на проектот 10510 изнесува 127 милијарди рубљи (1,7 милијарди долари), а Русија планира да изгради три вакви брода, објави Спутник.
Бродот на нуклеарен погон ќе може да сече низ мраз со дебелина од 2 до 4 метри и да направи канал широк околу 50 метри, што ќе овозможи транспортни бродови со огромна носивост цела година да поминуваат долж Северноморската рута.
Договорот за изградбата на „Лидер“ беше потпишан на 23 април годинава меѓу бродоградилиштето Ѕвезда и ФГУП Атомфлот.
Мразокршачот ќе добие два RITM-400 нуклеарни реактори со капацитет од 120 MW на пропелерите и секој ќе има топлински капацитет од 315 MW.
Животниот век на овој мразокршач се проценува на 40 години. Бродот ќе биде широк околу 50 метри, долг над 200 метри, со носивост од 70.000 тони. Ќе биде опремен со 127-член екипаж.