Здравствените експерти советуваат дека во време на корона кризата најбезбедно е да се остане дома, но доколку се решите за летување, најдобро е да останете во границите на својата земја и да посетите некоја поблиска дестинација каде знаете на кого да му се обратите во случај на итност.
Ако годинава одите на летување треба да знаете дека старите навики и однесувањето на плажа повеќе не важат и за безбеден одмор неопходно е почитување на новите здравствени протоколи и носење на заштитна маска и држење на дистанца од еден и пол до два метра.
Колку помалку има меѓусебен контакт, толку е помал и ризикот од ширење на корона вирусот. Па доколку можете да изберете меѓу јавен превоз и приватен автомобил, сега е подобро и побезбедно да патувате со автомобил.
За време на паузите или посетите на бензинска станица секогаш држете дистанца од еден и пол до 2 метра освен со тие што патувате во возилото, редовно правете дезинфекција на рацете и бидете трпеливи и почитувајте ги безбедносните протоколи на бензинските станици.
За безгрижно патување секогаш е неопходно убаво планирање и подготовка. На прво место е подготовката на возилото, како што е проверката на неговата техничка исправност, но добро е и мало истражување и планирање на самиот пат. За поголема лична заштита и заштита на сите со кои патувате најдобро е во автомобилот да имате средство за дезинфекција, влажни марамчиња и гелови за раце на база на алкохол, исто така, и маска и ракавици кои ви се неопходни во времето кога излегувате од кабината на возилото.
Ако патувате со семејството или пријателите, секогаш планирајте ги застанувањата. Особено е важно во време на КОВИД-19, кога ќе застанете на бензинска станица да ги почитувате безбедносните протоколи. Држете дистанца и направете план, додека еден ќе се погрижи за автомобилот, друг може да чека ред и да набави кафе, течности или нешто за јадење за сите. Така нема да правите гужва, ќе се заштитите и ќе добиете на време.
Никогаш не тргнувајте на пат со точно толку гориво колку што е потребно да стигнете до крајната дестинација, секогаш планирајте најмалку една четвртина повеќе од потребното. Така ќе бидете подготвени доколку се најдете во неочекувана гужва или застој на патот.
Без разлика дали патувате до поблиска или подалечна дестинација, секое патување започнува со посета на бензинска станица. Тука, освен да се наточи неопходното гориво, секогаш може да се извршат последните проверки и подготовки, како, на пример, чистење на стаклата за подобра прегледност, проверка на течностите во возилото и состојбата на пневматиците.
Патувањето во летните месеци бара добро разладување, тоа влијае на заморот на патниците и концентрацијата на возачот. Затоа, пред да одите на подолг пат секогаш понесете со себе повеќе вода и други омилени течности. Ако патувате со деца добра идеја е да понесете мало фрижидерче во кое со неколку добро изладени патрони може да држите убаво изладена вода и сок и повеќе часови.
Ако во текот на патувањето имате повеќе застанувања, како што се, на пример, бензинска станица, маркет или тоалет, никако не заборавајте да ги дезинфицирате рацете пред повторно да влезете во возилото.
Доследното почитување на мерките за заштита од корона вирусот ги забавува речиси сите, па затоа одвојте повеќе од вообичаеното планирано време за завршување на потребните задачи и пред повторно да влезете во возилото не заборавајте да направите дезинфекција на рацете.