Водечкиот шведски епидемиолог Андерс Тегнел и понатаму не препорачува да се носат заштитни маски и предупредува дека е многу опасно потпирањето на нив.

„Многу е опасно да се верува дека маските за лице ќе ја променат играта кога станува збор за Ковид-19“, изјави Тегнел за „Фајненшал тајмс“.

Тој објасни дека маските може да бидат додаток на други работи ако се доволно безбедни.

„Но, да се има маска за лице и потоа да се мисли дека може да се наполнат автобусите или трговските центри, дефинитивно, е грешка“, рече Тегнел, кој е главен автор на стратегијата на борбата против коронавирусот во Шведска, која не предвидува рестриктивни мерки, пренесува „Бизнис-инсајдер“.

Тој ги наведе Белгија и Шпанија како примери, кои препорачуваат да се носи маска, а сепак имаат голем број заразени од коронавирусот.

Досега во Шведска се заразени 86.068 лица, а како резултат на вирусот починале 5.810 лица.