TikTok соопшти дека планира да поднесе тужба против извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се забрануваат трансакции меѓу оваа популарна видео апликација и нејзината кинеска матична компанија „ByteDance“.

TikTok преку соопштение порача дека речиси една година се обидувале да разговараат со администрацијата на претседателот Трамп, но дека обидите не вродиле со плод.

„Со намера да се осигураме дека се почитува владеењето на правото и дека нашата компанија и клиенти имаат фер третман, ние немаме друг избор освен да се обидеме извршната наредба да ја оспориме преку правниот систем“, изјави портпаролот на TikTok.

Трамп, на 14 август, издаде извршна наредба со која на „ByteDance“ и беше даден рок од 90 дена да ги прекине операциите на TikTok во САД. Американските власти се плашат дека информациите за корисниците на TikTok можат да и бидат предадени на кинеската Влада.