Претседателот на италијанското Здружение за антиинфекциска терапија (СИТА) вели дека над 90 отсто од новите случаи на коронавирус во Италија се асимптоматски, пренесува „Кориере дела сера“.
Д-р Матео Басети, кој истовремено е директор на болницата за заразни болести „Сан Мартино“ во Џенова, смета дека фокусот на новите позитивни случаи на коронавирус е погрешно насочен бидејќи иако со зголеменото тестирање се откриваат повеќе случаи, повеќето од нив се со стабилна здравствена слика.
Службениот билтен за случаи на коронавирус во Италија во средата регистрира 642 нови случаја за 24 часа, но тоа е во голем дел поради масовното тестирање. Во текот на тие 24 часа италијанскиот здравствен персонал спровел рекордни 71.095 теста или речиси 20.000 повеќе тестови од претходниот ден.
Д-р Басети рече дека дури и асимптоматските случаи на вирусот треба да бидат ставени во карантин за да се избегне можна зараза, но тоа не треба да предизвика паника дека вирусот добива сила или дека се заканува втор бран.
Басети исто така предупреди инфицираните асимптоматски случаи да не се лекуваат со „кортизон“ или „азитромицин“ тврдејќи дека нема научна причина што ги поддржува овие практики.
„Соочени со субјект со малку симптоми и без пневмонија од Ковид-19, треба да се избегне препишувањето сите видови антибиотици“, додаде Басети.
„Знам дека постои претерана употреба на антибиотици кај пациенти со Ковид-19 без знаци на пневмонија. Ова апсолутно треба да се избегне за да не се предизвикаат поголеми проблеми, како што се бактериите отпорни на антибиотици“, нагласи тој.
Најново истражување сугерира дека вирусот, всушност, станува сè помалку агресивен, што, според Басети, може да се должи на смалаената концентрација на вирусот, подобрата грижа за болните или на мутација на самиот вирус.