Коосновачот на „Мајкрософт“ и вториот најбогат човек на светот – Бил Гејтс, во екот на пандемијата го предупреди светот на еден голем проблем кој моментната пандемија само го засени, но никако не го спречи.

Бил Гејтс на својот блог „Гејтсноутс“ во понеделникот прогласи недела на комарците.

Тој потсети дека секоја вечер тие инсекти заразуваат милиони луѓе од маларија, болеста што одзема и детски животи, на секои две минути.

„Комарците не практикуваат социјално дистанцирање. Исто така, не носат ниту маски. Како што Ковид-19 се шири во светот, важно е да се запамети дека најсмртоносното животно на светот не замина на пауза во текот на оваа пандемија“, напиша Гејтс.

Повеќето смртни случаи од маларија настапуваат во најсиромашните земји на светот, порача Гејтс во видеопорака што ја објави и на својот профил на „Твитер“.

Тој исто така порача дека пандемијата на коронавирусот може драстично да ги промени превенцијата и лекувањето на маларијата, што би можело да доведе до голем пораст на смртноста од таа болест, односно бројки какви што досега не сме виделе.