Кинеската вакцина против Ковид-19 со неактивна компонента, направена од фармацевтската корпорација „Синофарм“, ќе биде достапна на пазарот во декември годинава по цена од околу 150 долари, објави претседателот на компанијата, Лиу Џингжен.
Тој рече дека тоа ќе биде можно по завршувањето на третата фаза на клиничките испитувања.
„По завршувањето на третата фаза на меѓународните клинички испитувања, можеме да регистрираме вакцина со неактивна компонента. Според нашите проценки, таа би можел да се појави на пазарот до крајот на годината“, рече Лиу, објави весникот „Гуангминг рибао“.
Тој додаде дека Институтот за биолошки производи од Пекинг може да направи до 120 милиони вакцини годишно, а Институтот за биолошки производи од Вухан уште 100 милиони.
„Јас лично добив две дози од оваа вакцина и нема несакани ефекти“, рече Лиу.
Тој додаде дека цената на вакцината по нејзиното пристигнување на пазарот нема да биде премногу висока и дека двете дози ќе чинат околу 1.000 јуани (144 долари).
„Со една доза имате веројатност за заштита од околу 97 проценти, антителата се развиваат бавно. Обично е потребно половина месец за да се постигне ниво доволно за да се спротивстави на Ковид-19. Ако добиете две дози, веројатноста за заштита може да достигне 100 проценти“, забележа официјалниот претставник на кинеската компанија.
Тој рече дека интервалот помеѓу двете дози е обично 28 дена.
Лиу напомена дека не треба да се вакцинира целото население во Кина, но дека вакцината мора да ја примат луѓе кои живеат во густо населени места.