Здравствените власти што се борат со пандемијата на коронавирусот се соочени со нов проблем – однесувањето на младите, кои ги игнорираат правилата за физичка дистанца и со масовните забави поттикнуваат ширење на заразата.
Кога властите по повеќемесечен карантин ги укинаа забраните за собирања, тинејџерите и оние малку повозрасни од нив ги наполнија кафулињата и ноќните клубови. А по нивното затворање, едноставно се преместија на плажите, во парковите или на улица, места што станаа нови жаришта на Ковид-19.
Во близина на Манчестер илјадници млади луѓе преку социјалните мрежи се собираат на т.н. рејв-забави, а во парискиот парк „Буа де Винсен“ редовно се одржуваат илегални технозабави.
„Забавувањето е клучно“, вели еден од организаторите на париските собирања, Антуан Калвин.
Таму алкохол слободно тече поради што многумина забораваат на правилото за носење маска и држење физичко растојание.
Полицијата рутински се обидува да ги растури таквите забави на отворено, но непрекинато се организираат нови, што резултира со зголемен број заразени од коронавирус меѓу младите во многу земји.
Светската здравствена организација неколкупати ги повика младите да бидат одговорни.
„Иако е малку веројатно дека младите луѓе тешко ќе заболат од Ковид-19, тие сепак може да заразат членови од нивните семејства“, вели директорот на германскиот Институт за јавно здравје, Лотар Вилер.
Во Канада сега повеќето заразени се млади од 40 години, па тамошните власти ги потсетуваат младите луѓе дека ни тие не се непобедливи во борбата против коронавирусот.
Во неколку француски крајбрежни градови, како Ница, забележан е пораст на заразени меѓу младите кои се забавуваат во клубови.
Во последните две недели меѓу 40 и 50 отсто од новите заболени во Женева се поврзани со лица што посетувале ноќни клубови и слични места на кои танцуваат, се бакнуваат и прегрнуваат, рекол епидемиологот Дидиер Пите. На тоа швајцарските власти одговорија со повторно затворање на ноќните клубови и барови или со скратување на нивното работно време.
Властите во Мадрид снимија реклама со која се обидуваат да ги уверат младите дека коронавирусот навистина постои и е многу сериозен.
Видеото почнува со снимка од група млади луѓе што пијат пиво во бар, потоа танцуваат во ноќни клубови. Во следната сцена се гледа пациент на респиратор, а завршува со крематориум. Пораката на крајот од видеото гласи: „Овде е многу пожешко отколку под маската“.
Некои експерти, пак, сметаат дека младите треба да се пуштат да стекнат отпорност на вирусот.
„Би било идеално кога секој под 30 години развие природен имунитет, а ние да успееме да ги заштитиме сите постари од 50 години до појавувањето на вакцината“, рекол францускиот инфектолог, Ерик Коме.
Извор: Макфакс