Додека Ковид-19 сее хаос во јавниот сообраќај ширум светот, руски претприемач предлага иновативно и еколошки чисто решение за „сообраќајната криза“.
Денис Свердлов е Русин кој ја основа компанијата Arrival со седиште во Британија, каде што се дизајнирани јавни автобуси кои ќе ослободуваат помалку јаглерод диоксид и истовремено ќе ги штитат патниците со примена на мерките за социјално дистанцирање.
Како се постигнува тоа?
Новиот производ е најавен уште во јуни. Автобусот е проектиран да има прилагодлив ентериер кој на патниците им овозможува да ја почитуваат дистанцата во текот на патувањето и да го сведат на минимум ризикот од зараза или ширење на коронавирусот.
Новиот електробус се разликува од другите слични возила пред сé по тоа што во него може да се прилагодува бројот на патници и дистанцата меѓу нив. Седиштата имаат прилагодлива конфигурација и можат да се распоредат така што да обезбедат дополнителен простор меѓу патниците, а можат и целосно да се отстранат.
Бариерите од плексиглас служат како дополнителна заштита, како и сигнализацијата без допир со која од возачот се бара да го запре автобусот. Седиштата без шавови овозможуваат поефикасно чистење и дезинфекција.
Наведената флексибилност е главната предност на автобусот на фирмата Arrival, бидејќи ограничувањата во Русија и целиот свет, судејќи според сé, ќе бидат актуелни и во 2021, а можеби дури и во 2022 година.
Но, и без вирусот постојат цела низа карактеристики според кои овој автобус навистина ѝ припаѓа на иднината. Тој ќе биде опремен со софистицирана технологија која им овозможува на патниците да ја изберат станицата на мобилен телефон (дури и пред да седнат во автобусот).
Покрај тоа, ќе можат однапред да видат колку патници има во автобусот и на тој начин да решат дали ќе влезат или ќе го почекаат следниот.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли