Кинескиот телекомуникациски гигант Huawei го надмина Samsung како најголем светски производител на смартфони во второто тримесечје од 2020. година, се вели во извештајот на истражувачката компанија Canalys.

„Ова е прв пат по девет години компанија што не е Apple или Samsung да доминира на светскиот пазар“, објавија од Canalys.

Компанијата сè уште се соочува со санкции за трговија со САД и забележа намалување од 27 проценти во странските пратки во второто тримесечје, според извештајот на Canalys. Сепак, нејзината доминација на кинескиот пазар доведе до осум проценти зголемување на домашните пратки.

Благодарение на релативно брзото закрепнување во Кина од пандемијата, Huawei сега продава повеќе од 70 проценти од своите мобилни телефони на домашниот пазар.

Иако компанијата со седиште во Шенжен забележа пад на продажбата од пет проценти од истиот квартал во минатата година, нејзиниот јужнокорејски конкурент Samsung забележа многу подраматичен пад на продажбата од 30 проценти, благодарение на нарушувањата во снабдувањето на клучните пазари како САД, Европа и Бразил.

Huawei испорача 55,8 милиони смартфони во вториот квартал, соопшти Canalys, додека Samsung има испорачано 53,7 милиони уреди.

„Тоа е исклучителен резултат кој го предвидоа само неколку луѓе пред една година. Да не беше пандемијата со ковид-19, тоа немаше да се случи“, рече аналитичарот на Canalys, Бен Стантон.