„По примањето на вакцината секоја седмица самиот себе си земам брис и го испраќам на проверка“ – вели Рихтман.
Во испитувањето на раната фаза на развивање на вакцината против коронавирусот која што ја разви Универзитетот Оксфорд, меѓу 1.077-те учесници доброволци бил и научник и микробиолог родум од БиХ, Бранко Рихтман.
„Прво се пријавив преку онлајн формулар на кој што бараа доброволци, втората фаза од испитувањето на вакцината и само по неколку дена ме повикаа од болницата во која што го правеа истражувањето.
Таму ми поставија неколку прашања: колку години имам, здравствена состојба, со што се занимавам, колку често сум во контакт со луѓе…
По неколку дена пак ме повикаа и ми кажаа дека ме избрале за учество, но морам да појдам во болница за да проверам дали имам антитела на коронавирусот.
Значи, ги интересираше дали веќе сум бил изложен на коронавирусот, потоа ми зедоа крв, направија тест, добија негативни резултати и ме повикаа да ја примам вакцината“ – изјавил Ритхман за порталот „Radiosarajevo.ba“.
Тој вели дека вакцината е како и сите останати:
„Вакцината ми ја ставија во рамото од левата рака, ме задржаа за да видат дали ќе добијат некакви контраиндикации. Сè беше нормално. По примање на вакцината секоја седмица самиот себе си земам брис и го испраќам на проверка да видам дали сум заразен“ – вели тој.
Како што вели тој, по 30 дена, на три, шест и дванаесет месеци повторно ќе му земаат крв за научниците да проверат колкаво е нивото на антитела во неговото тело.
Неговото мислење е дека нема да можеме да се вратиме во нормала без вакцината:
„Вакцината е неопходна. Како што гледате, овој вирус нема самиот од себе да си замине, затоа што постојано се враќа, а луѓето не можат постојано да бидат затворени дома. Така што без вакцината нема да се вратиме во нормален живот“ – заклучил Ритхман.
Оваа вакцина, според досегашните резултати би требала да биде готова и достапна наесен:
„На сите целта им е тоа да се направи што поскоро за луѓето да можат да се вакцинираат и да почнеме животот да си го враќаме во нормала, пред сезонскиот грип да започне во текот на зимата. Тоа не само што ќе создаде дополнително оптеретување на здравствениот систем, туку ќе биде лошо за сите нас“ – вели овој научник.
Поврзани артикли