Потенцијалната вакцина против коронавирусот на кинеската национална фармацевтска група „Синофарм“ може да биде подготвена за јавна употреба до крајот на годината и покрај првичните најави дека нема да биде готова до 2021 година, јавуваат кинеските државни медиуми.
Директорот на „Синофарм“, Лиу Џингжен, изјави за државната телевизија ЦЦТВ дека компанијата очекува да ја заврши последната фаза на тестирање врз луѓето за три месеци.
Одделот CNBG на „Синофарм“, задолжен за два проекта на вакцина против коронавирусот, во јуни објави дека можеби нема да може да го исполни крајниот рок до 2021 година бидејќи недостигот на нови случаи во Кина го отежнува пронаоѓањето луѓе за тестирање.
Подоцна беше објавено дека Кина нашла алтернативно место за тестирање во странство надминувајќи некои пречки во глобалната трка за производство на вакцина против коронавирусот, од кој починаа над 600.000 луѓе во светот, пренесува „Ројтерс“.
Истражувањето на „Синофарм“ влезе во третата фаза, која опфаќа околу 15.000 учесници и два соја на вакцина во Обединетите Арапски Емирати.
Потенцијалната вакцина ја развива и кинеската компанија „Синовак биотех“ користејќи слична технологија. Таа исто така влезе во третата фаза на тестирање во Бразил.
И вакцината што ја развиваат „Кан-Сино биолоџикс“ и кинеската воена истражувачка единица исто така влегуваат во третата фаза на тестирање надвор од Кина.