Тим научници на „Оксфорд се ближи до крајот на клиничкото испитување на вакцината против коронавирус. Испитувањето се врши на над десет илјади луѓе од сите возрасти во Британија и други делови во светот, а пред сè во Бразил, каде што пандемијата излегува од контрола. Првите вакцинации се очекуваат пред крајот на годината и тоа не само во Велика Британија.
Вирусологот од „Оксфорд“, Роб Ламкин Вилијамс, за РТС изјави дека во тек е глобално производство на вакцината.
На прашањето колку е блиску Британија до развојот на вакцината, тој вели:
„Многу блиску. Со оглед на тоа дека во тек е огромно клиничко испитување, групата од ‘Оксфорд’ се надева, иако сè уште нема никакви гаранции, дека првите вакцинации ќе почнат пред Божик. Вакцината веќе се произведува на неколку локации во Европа и Америка и што е уште поважно, во Институтот ‘Серум’ во Индија. Значи, веќе во тек е глобално производство на вакцината, која ќе биде употребена доколку клиничките испитувања се покажат успешни“.
Тој додаде дека во испитувањето се вклучени луѓе на сите возрасти, како и испитаници што спаѓаат во ризични групи.
„Во ова студија добиваат или вакцина или плацебо, а ни самите, а ни лекарите што им ја даваат вакцината, не знаат дали е вистинска или не. Кога студијата ќе биде завршена, се споредуваат резултатите од вистинската вкацина и плацебото. Стискаме палци вакцината да дејствува“, вели Ламкин Вилијамс.
Тој рече дека во тек е производство на две милијарди вакцини, од кои половина милијарда во Индија.
На прашањето како ќе се одвива вакцинацијата, дали во две фази, Ламкин Вилијамс вели:
„Тоа е одлично прашање затоа што не знаеме дали заразата создава имунитет. Минатата недела е објавена студија дека заразените произведуваат антитела, но дека нивната концентрација се намалува во рок од шест месеци. Не знаеме колку време по заразата луѓето се имуни, така што можно е да биде потребна ревакцинација. Тоа не го знаеме затоа што уште не знаеме доволно за самиот вирус. Минатиот Божик не знаевме ништо за вирусот. Никогаш досега не е развиена вакцина за една година“.
Вирусологот вели дека една од предностите на оксфордската група што ја развива вакцината е во тоа што работела на слична вакцина за сличен вирус што го предизвикува МЕРС или блискоисточниот распираторен синдром.
„Тоа значи дека основата на развојот на вакцината и нејзината безбедност веќе постоеја во извесна мера. Значи, станува збор за приспособување на вакцината на новиот вирус. Исто така, тоа значи дека многу безбедносни мерки се преземени и продолжуваат и сега“, рече тој.
Во врска со цената за вакцината, вели дека глобалната инцијатива за вакцинација ГАВИ ќе им помогне и на најсиромашните земји да стигнат до неа.
„Цената се споредува со еспресо, но за некои земји и тоа е многу. Постои глобална иницијатива за вакцинација ГАВИ, која финансиски ќе им помогне и на најсиромашните земји да дојдат до вакцината“, вели вирусологот.
Лемкин Вилијам вели дека ова е прва од многуте вакцини против Ковид-19 и дека секоја наредна ќе биде посовршена од претходната.