Фармацевти на германскиот универзитет „Хале-Витенберг“ развија начин за откривање мали количини коронавирус во раствор за миење на устата, користејќи техника што може да се употреби за тестирање.
„Во студијата се користени примероци на раствор со кој пациентите заразени со новиот коронавирус ја плакнеа устата, успешно откривајќи го вирусот со помош на масена спектрометрија“, соопшти Универзитетот.
„Новиот метод мора дополнително да се разработи пред да може да се користи како стандардна дијагностичка алатка за да се надополнат постојните тестови на коронавирус“, се наведува во соопштението.
Овој тест е мошне специфичен, бидејќи таргетира протеински компоненти кои постојат само во новиот коронавирус, познат како SARS-CoV-2.
– Ние ги мериме пептидите што доаѓаат од вируси, а не од генетски материјал, објасни Андреа Синц, која работи на студијата.
Во моментов се потребни 15 минути за да се добијат резултатите од тој тест, а тие се значајни дури и со мали количини на раствор за плакнење. Тим на фармацевти работи на скратување на времето за тестирање.
Ако тестот се покаже како успешен, мерењата би можеле да ги спроведе неспецијалистички персонал, велат научниците.
Иако новиот метод нема да биде достапен веднаш, Синц вели дека се надева дека тестот би можел да биде во функција за неколку месеци.