Американскиот фармацевтски концерн „Модерна“ објави дека завршните клинички испитувања за вакцината против Ковид-19 ќе почнат на или околу 27 јули.
Станува збор за третата, клучна фаза на тестирање кај луѓе, на вакцината позната како mRNA-1273.
Клиничкото испитување го води Националниот институт за здравство (NIH), а американската влада инвестира речиси половина милијарда долари во проектот на концернот „Модерна“.
Завршните клинички испитувања ќе бидат спроведени на 87 локации, сите во САД. Ќе бидат вклучени околу 30.000 возрасни луѓе за кои има голема веројатност да бидат заразени со коронавирус. Во текот на студијата ќе се спореди бројот на новозаразени меѓу оние што ја примиле новата вакцина и оние што примиле плацебо.
Експерименталната вакцина ќе биде тестирана во 30 држави и во градот Вашингтон. Половина од нив се сојузни држави тешко погодени од епидемијата, како Тексас, Калифорнија, Флорида, Џорџија, Аризона и Северна и Јужна Каролина.
САД во последните денови бележат рекорден број новозаразени лица, особено од споменатите држави.
Акциите на „Модерна“ кон средината на денот пораснаа 2,5 процента на американската технолошка берза.