Spotify, една од најпопуларните светски платформи за вмрежен аудиопренос со претплата, од утре (15 јули), ќе биде достапна за користење и во нашата земја.
Покрај влегувањето во Македонија, Spotify стартува и на 12 нови пазари, вклучувајќи ги Молдавија, Казахстан, Белорусија, Русија, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Црна Гора, Србија, Украина и Хрватска, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Со светска заедница, која брои повеќе од 286 милиони слушатели, вклучувајќи и 130 милиони премиум-претплатници на глобално ниво, Spotify овозможува слушање локална и меѓународна музика со над 50 милиони песни и 1 милион поткасти.
Услугата Spotify е бесплатна или со можност за надградба на Spotify Premium, услуга со претплата што им овозможува на корисниците да уживаат во музиката, без да бидат прекинувани од реклами.
Македонските корисници ќе може да се надградат на пакетот Spotify Premium за 4,99 евра месечно. „Премиум фемили“ е достапен за 7,99 евра за најмногу 6 члена на семејството, кои живеат заедно. Новиот Spotify Premium Duo (6,49 евра) е услуга за претплата на две лица, односно двојки, што вклучува Duo Mix, автоматски ажурирана плејлиста, која комбинира музика што ја уживате вие и вашиот партнер/ка.
Пакетот „Spotify премиум за студенти“ ќе чини 2,49 евра месечно.
„Стартувањето на овие пазари ја отвора вратата за речиси 250 милиони обожаватели, кои ќе може да почнат со откривање нова музика и поткасти од целиот свет на Spotify, а уметниците во регионот да ги допрат сè поповрзаната глобална публика и обожавателите“, вели Федерика Тремолада, управен директор за јужна и источна Европа на Spotify“.
Таа исто така додава дека стартувањето на овие 13 пазари е важен момент во приказната на Spotify.
„Особено затоа што им посакуваме добредојде на обожавателите и уметниците на растечките музички пазари, како Северна Македонија, каде што расте семрежниот пренос и каде што гледаме значајна можност за Spotify“, вели таа.
Поврзани артикли