Hyundai има релативно долга историја на производство и тестирање на возила со водороден погон и веќе нуди неколку такви производи.
Меѓу нив се издвојуваат Tucson Fuel Cell и Nexo. Во претходните години се зборуваше многу дека таков погон би бил идеален за комерцијалните возила од иднината, а корејскиот производител очигледно верува во тоа, што може и лесно да се заклучи бидејќи Hyundai неодамна ги испорача првите десет единици на моделот Xcient Fuel Cell во Швајцарија.
Наредните години тие ќе бидат тестирани во реални услови односно секојдневни работна експлоатација, така што ќе може да се донесе заклучок за предностите и недостатоците, како и за тоа како тие функционираат. Производителот веќе е подготвен да додаде уште 50 примероци до крајот на годината со цел да има околу 1.600 од нив на европските патишта до 2025 година.
Xcient Fuel Cell се придвижува со електричен мотор од 469 КС кој се напојува со батерија од 73,2 kWh. Водородот се наоѓа во седум одделни резервоари, а во пар работат два системи на водородни горивни ќелии (95 киловати секој). Со едно полнење на сите резервоари, камионот може да покрие околу 400 километри со максимална брзина од 85 km/h. Од Hyundai велат дека во моментов развиваат и верзија со максимален опсег од 994 километри, а истата ќе биде достапна на глобално ниво.
Иако корејскиот производител вели дека е првиот кој дебитира со камион со водороден погон, тој сигурно не е единствениот. Toyota, на пример, е многу активна во развојот на оваа технологија. Не треба да се заборави и на новиот производител, американската компанија Никола, која исто така е во „бизнисот“, а партнерството неодамна најавија и Honda и Isuzu. Главната допорна точка помеѓу овие компании ќе биде истражување и развој на производи со FCEV технологија.