Научниците развија роботски лабораториски асистент, кој може да се движи и да извршува научни експерименти, баш како и човекот, но многу побрзо.
Машината ја дизајнираа научниците од Универзитетот Ливерпул во Велика Британија, но таа не е целосно автонома. Потребно е да се програмира врз основа на местото на кое се наоѓа лабораториска опрема, а покрај тоа и не може да „дизајнира“ сопствени експерименти. Меѓутоа, машината може да работи седум дена неделно и тоа 22 часа дневно, а само два часа се потребни да се наполни секоја вечер. Ова им овозможува на научниците да го автоматизираат истражувањето, кое инаку одзема многу време.
Водачот на проектот кој стои зад роботите е студентот Бенџамин Бургер, а тој тврди дека роботот може да извршува експерименти илјада пати побрзо од човекот.
Меѓутоа, професорот Енди Купер вели дека брзината не е најважна, туку фактот дека рботот му овозможува на човекот да не го троши своето време на одредени истражувања.
Во текот на демонстрацијата роботот имаше задача да пронајде супстанци, кои можат да ги забрзаат хемиските реакции. Во период од осум дена машината изведе 688 експерименти. Мешаше примероци и ги анализираше резултатите.
Роботот чини помеѓу 125.000 и 150.000 долари во основната верзија, а развојот на управувачкиот софтвер траел три години. Користи LIDAR, технологија од самовозечките автомобили. Роботот може да функционира и во темнина, а поседува и индстриска рака, која ја направи германската компанија Kuka.