Користењето на бесконтактниот начин на плаќање со Виза картичките во земјава порасна за 113 проценти во однос на март минатата година, а 86 проценти од граѓаните се подготвени да користат бесконтактни трансакции, покажува првото регионално истражување на компанијата „Виза” во рамки на кампањата „Во чекор со дигиталната иднина”.
Истражувањето е спроведено во текот на мај, на примероци од по 500 корисници на картички во земјите од регионот, во старосна граница од 18 до 55 години.
Според податоците секој четврти граѓанин на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес редовно користи бесконтактни картички, но лидер во регионот по употреба на бесконтактна технологија е Северна Македонија, каде што дури 68 проценти од испитаниците го користат овој метод при плаќање.
Од друга страна, Албанија бележи најниска употреба – дури еден од 10 потрошувачи плаќа на овој начин, но купувачите во оваа земја се мотивирани да се запознаат подобро со оваа технологија и да ги користат нејзините придобивки.
Како главни предности на употребата на бесконтактни картички се истакнуваат брзината (65 проценти од корисниците го навеле ова како бенефит), едноставност за ракување (65 проценти) и практичност (65 проценти).
Околу 38 проценти од купувачите кои не користат бесконтактни картички, како причина го наведуваат тоа што банката не им понудила таква можност, додека девет проценти истакнуваат дека не знаат дека постои таква опција во државава, или пак се загрижени за безбедноста во текот на користењето – 18 проценти. Шест проценти од корисниците признале дека не се сигурни како се употребуваат бесконтактните картички.
Во исто време, скоро секој петти потрошувач во нашата држава користи мобилен телефон за бесконтактно плаќање, додека 77 проценти се запознаени со опцијата „мобилен паричник”. Околу 68 проценти од корисниците изразиле желба во иднина да плаќаат преку апликација на мобилните телефони, додека 30 проценти се воодушевени од таквата можност. Мнозинството од испитаниците ја истакнале практичноста како позитивна околност на ваквиот вид на бесконтактна трансакција и тоа што „благодарејќи на оваа опција можат да ги остават картичките и готовината дома”. Една петтина од испитаниците сметаат дека овој вид на плаќање е забавен и интересен бидејќи сакаат да бидат во тренд со остатокот од светот. Како главни недостатоци на мобилниот паричник наведени се безбедноста и ограниченоста на бројот на места каде таков вид на плаќање е овозможено.
Виза неодамна во сите земји од Југоисточна Европа го зголеми максималниот износ за бесконтните трансакции за кои не е неопходен внес на ПИН код. Во земјава, тој лимит е зголемен на 2.500 денари.
Поврзани артикли