Во текот на мај се појавија информации за тоа дека Apple подготвува нов 10,8-инчен iPad, кој би требало да се појави во текот на втората половина од 2020. година. Информациите потекнаа од реномираниот аналитичар Минг-Чи Куо, кој сега повторно ги потврдува плановите на компанијата Apple. Тој открива дека Apple работи на нови iPad модели за оваа и следната година.
Во својот аналитички извештај, до кој дојде сајтот Macrumors, Куо истакнува дека Apple планира објава на нов 10,8-инчен iPad во текот на втората половина на 2020. година, по што во првата половина на 2021. се очекува нов 8,5-инчен iPad Mini. Истите детали беа споменати во мај, со тоа што тогаш не беше позната големината на екранот на iPad Mini моделот.
Извештајот не споменува конкретно дали новиот 10,8-инчен iPad модел ќе биде верзија на постоечкиот 10,2-инчен iPad или 10,5-инчниот iPad Air. Кога е во прашање iPad Mini, овој модел последен пат е освежен во март 2019. година, и се уште поседува екран од 7,9 инчи.