Тим од научници од Кинеската академија во Пекинг разви AI технологија наречена DeepFaceDrawing. Во прашање е техника, која е во состојба од обичен скициран цртеж да направи реалистична фотографија.
Ова не е прв обид да се направи такво нешто, но досега е најуспешен. Имено, за разлика од претходните алати, DeepFaceDrawing е многу пофлексибилен и не бара на цртежот да има голем број детали. Софтверот се заснова на голема база фотографии од кои „вади“ детали кои му се потребни за да генерира слика врз основа на цртежот. При тоа ги зема во предвид релациите помеѓу објектите, па нема да се случи да добиеме лице со едно око и два носа… Секој од деловите на лицето се разгледуваат поединечно и кога ќе се избере модел најсличен до оригиналот, се вклопува во финалната фотографија.
Она што не е објавено е како софтверот ги генерира и избира различните раси. Досега во текот на тестирањето се креирани повеќе од 17.000 лица, при што поголем дел може да се окарактериизраат дека им припаѓаат на белците и јужноамериканците. Веројатно е во прашање систем на база на податоци, но причина може да биде и можната помала комплексност на генерирањето на таквите типови на лица. Со оглед на тоа дека научниците не дале никакви информации за ова, ни останува само да нагаѓаме.
Технологијата прв пат ќе биде јавно претставена на SIGGRAPH виртуелната конференција, која ќе се одржи во јули оваа година. На сајтот на проектот се споменува и дека апликацијата би можела да биде подготвена за јавност во следните месеци. Ако се покаже успешна, веројатно ќе претставува големо потенцијално унапредување во криминалистиката, каде би можела да ги замени фото-роботите на осомничените лица.