Британски научници тестираат експериментален лек што би требало да спречи настанување потенцијално смртоносни крвни згрутчувања, кои настануваат како последица на заразата со коронавирус, а истражувањето го финансира Британската фондација за срце.
Научниците се обиделе да ја истражат теоријата според која настанувањето на згрутчувањата во крвта го предизвикува хормонална нерамнотежа предизвикана од коронавирусот, пишува Би-би-си.
Се работи за еден од неколкуте лекови кои моментално се тестираат со цел спречување на развојот на најтешките последици од болеста. Познато е дека дури една третина пациенти кои се хоспитализирани поради коронавирус развиваат потенцијално опасни крвни згрутчувања.
Лекот ТРВ027 дејствува така што влијае на воспоставувањето рамнотежа на хормоните кои го регулираат крвниот притисок, но и метаболизмот на вода и сол.
Научниците од лондонскиот институт Империјал колеџ веруваат дека кога вирусот ќе продре во организмот користи Ангиотенсин-конвертирачки ензим 2 (АЦЕ 2) како свој трик за влез во клетките.
Но на тој начин го онеспособува ензимот, кој има значајна улога во одржувањето на рамнотежата на клучните хормони и во регулацијата на крвниот притисок, поради што крвта станува „леплива“ и почнува да се згрутчува.
Се претпоставува дека лекот ТРВ027, чиј творец ја освои Нобеловата награда во 2012 година, може да игра значајна улога во враќањето на рамнотежата на хормоните.
„Многу начини на лекување кои се применуваат во лекувањето на Ковид-19 се фокусираат на воспалителната реакција на организмот, но хормоналната нерамнотежа е многу изразен проблем, а неговото решение би можело да одговори на прашањето поради што некои пациенти ја поднесуваат инфекцијата потешко од други“, смета доктор Дејвид Овен, еден од првите луѓе во истражувањето.
Од Британската фондација за срце велат дека згрутчувањето на крвта може да објасни зошто Ковид-19 посебно ги погодува лицата кои веќе боледуваат од кардиоваскуларни болести, и покрај тоа што се работи за болест на дишните патишта.
Поврзани артикли