Лек кој би можел успешно да лекува и да спречи Ковид-19 се тестира на пациенти во неколку американски градови, соопшти денес фармацевтската компанија „Регенерон“, а пренесе Си-ен-ен.
Ова е прв тест на коктел со антитела против Ковид-19 во Америка.
Ако тестирањето се покаже како успешно, „Регенерон“ се надева дека лекот би можел да биде достапен веќе наесен.
Клиничките испитувања започнаа вчера, а компанијата најавува дека лекот ќе се тестира на четири групи пациенти: оние кои се хоспитализирани со Ковид-19, оние кои имаат симптоми на болеста, но не се хоспитализирани, на здрави лица кои се во ризична група да се разболат и на здрави луѓе кои биле во близок контакт со заразено лице.
„На светот му се потребни бројни решенија за лекување, така што иновативната биофармацевтска индустрија работи заеднички за да им помогне на што е можно повеќе луѓе“, вели доктор Џорџ Јанкопулос, ко-основач, претседател и раководител на научниот оддел на компанијата „Регенерон“.