Петербуршкото Централно конструкторско биро „Рубин” ја заврши научноистражувачката фаза на проектот за изработка на морскиот робот „Сурогат“ кој е во состојба да имитира подморници од различна класа.

За резултатите е известено Министерството за одбрана на РФ и консултациите се во тек, изјави за ТАСС генералниот директор на бирото Игор Виљнит.

Подводниот апарат без екипаж со должина од 17 метри и депласман од 40 тони може да се движи под вода со брзина до 24 јазли, во состојба е да изведува сложени маневри, да нурка до длабочина од 600 метри и да влече различни антени, имитирајќи го физичкото поле на зададената класа подморница.

„Сурогат“ има литиум-јонска батерија која обезбедува резерви за движење до 600 милји. Една од задачите на беспилотниот подводен апарат би била симулирање подморници на вежбите на Воената морнарица на Русија. Денес како спаринг-партнери се користат борбени подморници. Користењето на роботот би ги намалило трошоците и ризиците. Поради својата модуларна конструкција „Сурогат“ може да користи и други видови опрема, на пример, за извидување и картографирање на теренот.

Конструкторското биро „Рубин” спаѓа меѓу водечките проектанти на руски подморници, вклучувајќи и нуклеарни подморници за стратешка намена.