Компаниите AMD и HPE во соработка со Компјутерскиот центар на универзитетот во Штутгарт, овозможија преку виртуелна 360 прошетка, слично како во Google Maps, да прошетате низ салата во која е инсталиран најбрзиот суперкомпјутер на стариот континент. Неодамна пуштен во работа „Hawk“ суперкомпјутерот во Компјутерскиот Центар за Високи Перформанси (HLRS) на Универзитетот во Штутгарт, спаѓа меѓу најбрзите суперкомпјутери на планетата и најбрзиот систем за општа намена за научно и индустриско компјутерство во Европа.
Оваа единствена виртуелна турнеја открива редок поглед одвнатре во импресивното техничко достигнување, какво што е Hawk суперкомпјутерот. Додека се „шетате“ низ виртуелното опкружување, помеѓу рековите на суперкомпјутерот ќе пронајдете „хот-спот“ линкови до повеќе технички детали за Hawk. Обиколката, исто така, вклучува интервју со др. Бастијан Колер, генерален директор на HLRS, кој објаснува како функционира системот и неговите апликации. Како што е прикажано во обиколката, Hawk суперкомпјутерот се состои од 44 река, во кој се сместени преку 5600 компјутерски чворови, што резултира со над 720.000 процесорски „Zen2“ јадра од втората генерација на AMD EPYC процесорот.
Суперкомпјутерот Hawk е базиран на „Apollo“ платформата на компанијата Hewlett Packard Enterprise (HPE) и е дизајниран за напредна примена во енергетиката, климатското моделирање, сообраќај и здравство. Со максимални перформанси од околу 26 петафлопси, Hawk им овозможува на научниците и инженерите да вршат истражување на поголеми и посложени појави, истовремено поддржувајќи работни текови кои интензивно користат податоци и ја комбинираат вештачката интелигенција, анализата на големите податоци, длабокото учење и симулација.
Поврзани артикли